Воскресение Христово 2021 година

Воскресение Христово 2021 година

Ова е втора година по ред како сржта на христијанскиот живот празникот Воскресение Христово го славиме во услови на пандемија од Ковид – 19. Зад нас сигурно дека е една тешка и исцрпна година, во која многумина загубија свои блиски, многу работи и планови моравме да промениме, а од некои моравме и да се откажеме. Преку пандемијата научивме многу работи, добивме лекции кои тешко ги учевме, но кои можат да ни бидат од корист за самите нас, како христијани и како општество.

Но покрај сите промени кои се случуваат во светот велигденскиот настан е ист како и секогаш до сега затоа што Христос е ист вчера, и денес, и во вечни векови (Евреите 13,8) и Тој Воскресна. Во минатото никакви камења, стражи и лаги не можеа да го спречат тој настан. Така и денес никакви вируси и пандемии и медиумски манипулации не можат да го спречат настанот на Воскресението, па така ќе биде и во иднина и во вечни векови.

На тој прв Велигден на учениците им требаше некое време за да се соземат и да сфатат што всушност се случува, а откако сфатија Воскреснатиот Христос беше единствената цел и смисла на нивниот живот. Им требаше време да се заразат со „вирусот на Воскреснатиот“, кој го проширија низ целиот свет. Откако преку средбите со Воскреснатиот Господ се “заразија“ и ги научија лекциите учениците без никаков страв започнаа да ги пренесуваат на другите, на надвор до краиштата на светот. Воскреснатиот Христос ги промени нивните животи.

И на нас во првите денови и месеци од пандемијата можеби ни требаше време да се соземе. Несомнено, пандемијата ги промени и нашите животи, но Христос е воскреснат и жив, оди со нас. Да не ги заборавиме тешко научените лекции од минатата година, но и во иднината да чекориме „заразени“ со надеж, знаејќи со сигурност дека Христос е воскреснат и тој е со нас во сите денови од нашиот живот.

Да бидеме упорни и со надеж како жените кои стоеја покрај гробот и кои одеа на гробот (сп. Лука 23,49;24,1). Да не се откажуваме од подобро утре, од подобра иднина. Сите сонуваме за враќање во „нашата нормала“, а впрочем треба да копнееме и да се стремиме да излеземе подобри од оваа криза. (сп. Генерална аудиенција на папата Фрањо во среда 19 август 2200 година). Да дозволиме и ние да бидеме заразени од „вирусот на Воскреснатиот“ и насекаде да ја пренесеме неговата љубов.

Замислете си ја само радоста на Богородица во моментот кога слушна за веста дека нејзиниот Син воскресна? Каква ли била реакцијата, какво ли било чукањето на срцето, треперењето, погледот, изразот на лицето, што ли само поминувало во тој момент низ нејзините мисли!? Да дозволиме и нас да нѐ опфатат истите чувства и истата радост за Воскресението на нејзиниот Син, а наш Господ.

Со овие мисли почитувани слушатели, донатори, волонтери и поддржувачи на Радио Марија, ви благодариме на големата поддршка, затоа што со вас постојано растеме и стануваме препознатливи насекаде. Во името на целата екипа на Радио Марија ви го честитам празникот Воскресение Христово и посакувам Воскреснатиот Христос да донесе мир и благослов во вашите срца, домови и семејства.

Христос воскресе – навистина воскресе.

о. Гоце Костов,

директор на Радио Марија

Categories: Настани

About Author