Uncategorized Настани

Во Охрид одржан камп за обука на волонтери на Радио Марија

Објавено од Радио Марија

Од 13 до 16 август 2026 година во Пасторалниот центар во Охрид се одржа камп за обука на волонтери на Радио Марија.

Од четврток, 13 август, до недела, 16 август 2026 година, во Пасторалниот центар во Охрид се одржа камп за обука на волонтери на Радио Марија. Кампот беше организиран со цел волонтерите подлабоко да ја запознаат мисијата на Радио Марија, својата улога во неа, како и основите на медиумската етика и радио комуникацијата.

Програмата започна во четврток со пристигнување и сместување на учесниците, по што следуваше отворање и поздравно обраќање на отец Гоце Костов, директор на Радио Марија Македонија. На почетокот тој ги пренесе поздравите до учесниците од името на епископот Стојанов, како и од Рафале Галати, одговорен за Радио Марија станиците во Европа. Во текот на деновите беа предвидени молитвени моменти, света Литургија, предавања, групна работа, практични вежби и заедничко дружење.

Првиот дел од обуката беше посветен на мисијата на Радио Марија и на волонтерското учество во Радио Марија. Учесниците имаа можност да размислуваат за духовниот и пасторалниот карактер на Радио Марија, за нејзиното место во животот на Црквата, како и за личната одговорност на секој волонтер во оваа мисија. Особено внимание беше посветено на разликата меѓу обична активност и вистинско служење, при што волонтерот беше претставен како соработник во евангелизацијата.

Во рамките на практичниот дел, учесниците работеа на темата „Моето место во мисијата на Радио Марија“, како и на анализа на реални ситуации од програмата на радиото. Преку оваа работа тие имаа можност поконкретно да ја согледаат својата улога во секојдневното функционирање и сведочење на Радио Марија. Учесниците дадоа и конкретни предлози за збогатување на програмата, поголема видливост на радиото и подобро вклучување на волонтерите. Со цел подобра координација на волонтерските активности и реализација на предложените иницијативи, за координатор на волонтерите беше избрана Викторија Илиева.

Вториот дел од обуката беше посветен на основите на медиумската етика и комуникациските вештини. Предавањата ги опфатија темите за медиумска одговорност, вистинитост, кредибилитет, почитување на соговорникот и специфичноста на црковниот медиум. Преку практични сценарија, учесниците размислуваа како правилно и одговорно да се реагира во чувствителни ситуации.

Посебен дел од кампот беше посветен и на основите на радио комуникацијата. Волонтерите се запознаа со важноста на тонот, ритамот, јазикот и начинот на говор пред микрофон. Практичните вежби за говор и читање имаа за цел да им помогнат на учесниците да стекнат поголема сигурност и јасност при радио настап.

Кампот заврши во недела со света Литургија.

к.мк

About the author

Радио Марија

Leave a Comment