Вистински пост или само формалност?!

Вистински пост или само формалност?!

Со започнувањето на Великиот пост се упатуваме на едно свето патување кое нѐ води до Воскресението Христово. Ни се нуди прекрасна можност да го преиспитаме нашиот духовен живот, нашите внатрешни нагони и страсти, приоритети и цели.

Меѓутоа за да може Великиот пост да биде за нас нешто големо и свето, кој ќе нѐ приближи до оној кој е Најголем и Пресвет, потребно е да избегнеме формално постење. За да се избегне формалноста потребно е постот да го правиме во духот на Евангелието: милостина, молитва и одрекување од храната односно гревот. Поточно одење барем на неделната света Литургија, примање на светите Тајни, молење Крстен пат во заедништво со Црквата или приватно и други побожности и молитви, вршење дела на милосрдие и откажување послушност на гревот.

Сведоци сме дека за многумина постот е само формалност, но ако сме искрени формалност не е само постот, туку и целокупниот нивен живот. Од таа формалност некако се “заразени“ и христијаните. Одат на неделна света Литургија, можеби не редовно, туку понекогаш, но воопшто не се обидуваат да живеат според Евангелието, па така си дозволуваат да се препуштат на поголеми или помали гревови, едноставно поради недостаток на желба за спротивставување на гревот и злото или пак заради некоја лична корист. Едноставно многу луѓе прават некои работи, кои сите ги прават, а не знаат зошто? И тоа не е само случај со постот, туку и со Светите Тајни на Црквата, како на пример Светата Тајна Венчание. Се влегува во брак без да се познава богатството, суштината, карактеристиката и целта на бракот, без да се навлезе во светоста на таа Тајна, без никаква пожртвуваност за другиот… водени од мотото: Сите така прaват! Светите Тајни се многу убави, прекрасни Божји дарови во нашите животи, но за жал ги користиме само формално, не се ни обидуваме да навлеземе подлабоко во нивната суштина, да ги запознаеме подлабоко и да ги живееме со Силата на Светиот Дух. А токму Светите Тајни можат да ни дадат толку многу небесни милости, доколку се сфатат во нивната вистинска суштина и се живеат доследно.

Па така и постот да не биде само една вообичаена формалност, меѓу многуте други. Често можеме да слушнеме од христијаните: „Постот не е во храната, туку во воздржувањето и откажувањето од гревот. Постот не е нешто со кое ние ќе се измачуваме.“

Да суштината на постот не е во храната, бидејќи храната не може никого да оскверни или очисти, суштината на постот не е во воздржување од одредена храна, иако не само од храна. Постот започнува со воздржување од храна и завршува со воздржување од гревот, започнува со ограничување на некои желби и завршува со промена на срцето.

Како некој може да се воздржи од грев, без да може да се воздржи од нешто многу едноставно, како што е на пример јадењето месо? Оној кој заради Бога не може да се откаже од вкусна храна, сигурно е дека нема да може да се откаже и од гревот, себичноста… Едноставно само затоа што не научил да се откаже од нешто. И токму на тоа нѐ учи постот. Затоа е важно да се пости и од храна во работните денови, посебно среда и петок, додека во сабота и недела не се пости.

Има и такви кои се оправдуваат, затоа што не сакаат да се потрудат да постат, па велат и дури поучуваат дека суштината на постот не е во храната, туку во молитвата и милостината. Но ајде нека си одговори дали во постот започна повеќе да моли и да дава повеќе милостина? Само оној кој научил да го скротува своето тело во храната, тој е вешт и во молитвата и милостината. Кој не знае како да го скроти своето тело од наједноставните работи, кој не умее да го скроти стомакот од вкусна храна, како може да ја скроти мрзеливоста во молитвата и небрижноста во милостината. Не може. Едноставно без ова нема пост. Таквиот пост е само формалност. Но зарем радоста за Воскресението ќе биде само формална? И каква е таа радост ако е само формална? И какво е тоа христијанството ако е само формално? И каква е таа верата во Бога ако е само формална? Но да погледнеме на сопствениот животот, да не случајно и тој ни е само формалност!

Да не бидеме формални, надворешни, лажни, површни христијани, бидејќи Бог ги познава срцата и мислите. Тој нема потреба од нашето одење на света Литургија и примањето на светите Тајни, тој нема потреба од нашето постење и милостина. Тој постои и без тоа, на него не му треба ништо од нас. Но сето тоа е потребно за нас за да бидеме среќни и радосни, тука и во вечноста. А впрочем, дали можеме и дали сакаме да биде среќни и радосни, но само формално?!

го*ко

Categories: Настани

About Author