Настани

Радио Марија има посебно важно место во животот и посланието на Црквата

Објавено од Радио Марија

Радиото има посебна моќ. За да се слуша радио, човек не мора да ја прекине својата работа, ниту да седне пред екран, како што е случајот со телевизијата. Радиото не го прекинува ритамот на секојдневието. Напротив, му прави друштво на човекот. Доволен е гласот од радиото, и тој веќе преку радиобрановите влегува во домот, автомобилот, болничката соба, работилницата, на работното место, кај осамениот човек.

Токму затоа радиото покрај тоа што е техничко средство за пренос на информации, воедно е и придружник. За многумина, особено за постарите, болните, осамените или оние кои живеат далеку од црковното заедништво, радиото е како другар. Со него некој си зборува, некој се моли, некој пее, друг пак игра или танцува, во секој случај го потсетува човекот дека не е сам.

Во тој контекст Радио Марија има посебно важно место. Преку овој медиум се емитува програма што ја пренесува верата и се облагородува со молитва, катехеза, сведоштво и заедништво. Благодарение на радиоприемниците слушателите можат да слушнат размислувања за Евангелието, да се вклучат во молитва и да добијат информации за случувањата во Црквата. На тој начин стекнуваат чувство дека припаѓаат на поголемо семејство, наречено Црква.

Свесни сме колку е загаден медиумскиот простор. Во него често се пренесуваат страв, лажни вести, површност, конфликти и сензационализам, но Радио Марија има поинаква задача. Целта е да го насочи срцето на човекот кон вистината, да ја отфрли безнадежноста, која се провлекува меѓу луѓето, и да покаже дека Бог и понатаму делува во светот.

Евангелието ни го дава основното послание на Црквата. Да се оди, да се сведочи, да се проповеда, да се стигне до човекот таму каде што е. Тоа значи да се проповеда од амвонот, но и преку микрофон, радио сигнал и интернет, преку глас кој дава смисла на човечкото постоење.

Затоа Радио Марија е дел од посланието на Црквата. Може да допре и таму каде што свештеникот не може секогаш физички да стигне. Кога некој сосема случајно ќе го вклучи радиото на вистинската фреквенција, Божјото слово може да влезе во дом во кој со години немало молитва.

Зад секој радио сигнал стои голем труд. Потребни се време, техника, програма, организација, финансиски средства и многу пожртвуваност. Но и водители, уредници, свештеници, волонтери, техничари, луѓе кои молат и добротвори. А најмногу од сè, потребна е вера дека ова дело има смисла.

Да се создава радио програма со христијанска содржина е комплексна задача, посебно во контекст каков што е нашиот. Но вредноста и успешноста на програмата не се мерат секогаш со бројки, слушаност или статистика. Многу често плодовите остануваат сокриени, а ги има многу. И токму во тоа е убавината на ова послание. Редакцијата не секогаш знае до кого допира сигналот, кој го слуша, но Бог знае. Ние треба да го посееме Словото, а благодатта го наоѓа патот до срцето.

Црквата одамна ја препознава важноста на средствата за комуникација. Тие се алатки на модерното време и средства на евангелизација преку кои Евангелието може да се слушне и таму каде што можеби одамна или никогаш не било присутно.

Затоа е важно да го поддржуваме Радио Марија. Секако со слушање, но и со молитва, со охрабрување, со споделување на содржините и, кога е можно, со конкретна помош. Ова радио служи на Евангелието и Богородица, затоа има потреба од заедница што стои зад него.

Радио Марија е послание, глас што сведочи за Христос и ги води слушателите до Него. Тоа е орудие преку кое Евангелието продолжува да допира до ушите, срцата и животите на луѓето.

About the author

Радио Марија

Leave a Comment