Порака за Божиќ од уредникот

Порака за Божиќ од уредникот

Исусе повели во мојот живот, ти си добредојден

Во овие неколку години како да се одвикнавме да ни доаѓаат гости во посета. Некако ја прифативме таа игра, повлекувајќи се во своите сигурни ќошиња, знаејќи дека губиме вредни пријателства.

Но сепак има еден гостин кој е упорен секоја година и постојано тропа на вратата на нашиот дом и живот. Ненаметливо, трпеливо сака да го примиме. Не затоа што нашиот дом е поубав од неговиот, не затоа што нашата трпеза е побогата од неговата, не затоа што нашиот дом е потпол од неговиот. Не, тоа воопшто не е причината. Тој сака да ни го даде она што никој не го поседува и никој друг не може да ни го даде. А што е тоа?
Сака да нѐ научи нашиот дом да биде отворен за сите како сиромашната и ладна пештера. Сака да ни понуди леб од небото за да се заситиме и да има за сите, од кој ќе можат сите да јадат и да се наситат и да остане и за другите. Сака нашето сигурно ќоше да го претвори во пријатни изненадувања на Светиот Дух.

Тој доаѓа и тропа на нашата врата на срцето за да ни ја открие љубовта во вистинската смисла на зборот. Да потонеме неколку минути во тишина и да ги слушнеме нашите срца. Од него да ги ослободиме сите наши стравови кои ги носиме. Стравови кои нè затвораат, нѐ прават себични, се противат на нашето достоинство, нѐ заробуваат, нѐ парализираат за слободата, која ни ја дава Христос.

Мора и да си признаеме дека премногу размислуваме за преобраќање на светот, а малку за преобраќањето на самите себе. Премногу размислуваме за тоа што другите треба да направат за нас, а не што треба ние да направиме за ближниот. Да го искористиме ова милосно време на Божјата посета, како можност да застанеме малку и подлабоко да размислуваме, на што и како ќе го градиме нашиот понатамошен живот. Сега е вистинско време да размислуваме и да одлучиме за тоа како да продолжиме по патот на обновата, но да не се обидуваме да се вратиме во свет, кој повеќе не постои, да не се потпираме на надворешни, јалови реформи, туку да се започне од срцето на Евангелието, да се упатиме во длабочина на срцето и да го преобразиме, најпрво кај себе, а потоа ќе биде возможно преобразувањето и кај ближниот и во општеството во кое живееме, па и во целиот свет.

Храбро да ја признаеме нашата слабост, нашите гревови и да го поканиме, понизно, во нашиот живот Оној што дава нова надеж и нов живот. Да му кажеме на тој Гостин „повели“, во мојот живот, во мојот дом, Ти си добредојден, нека се роди во јаслите на нашето срце. Само кога ќе ја сфатиме важноста на Неговото раѓање за нашите животи, тогаш добиваат смисла украсените домови, елки, но и сите народни обичаи и надворешни симболи. Да го бараме како мудреците, да го откриеме како пастирите, да го славиме како ангелите тој верен и непроценлив пријател – Христос.

Да го живееме и празнуваме Божиќ во вистинската смисла, кој нема да биде замаскиран од надворешности и беззначајности и да ја чуваме таа радост во текот на целата година, носејќи ја трпеливо и ненаметливо Неговата љубов во светот. Погледнете ги луѓето што ги среќавате. Забележете, препознајте дека Исус сака да биде и кај нив, помогнете им во тоа. На нашиот свет му е потребна Исусовата порака, неговата љубов, неговото простување, неговата милост, неговата грижа, неговата надеж за подобар свет.

Во оваа прилика сакам на сите вас, слушатели, молители, волонтери, донатори и пријатели на Радио Марија да ви заблагодарам за вашата поддршка која ја давате на радиото на Богородица.

Да се молиме и овој Божиќ за сите нас да биде радосен момент и уште еднаш да ја слушнеме Радосната вест, Бог е со нас – Емануил. Да го пречекаме повторно со надеж. И на сите вас и на вашите семејства, драги пријатели на Радио Марија Ви го честитаме празникот – Рождество Христов и Ви посакуваме благословен почеток на новата година. Христос се роди – славете Го!

о. Гоце Костов, директор на Радио Марија

Categories: Настани

About Author