Во малата сала на Македонската филхармонија, во четврток 11 декември 2025 година се одржа годишниот прием на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во Македонија (КОВЗРГ). На средбата присуствуваше Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски бискуп монсињор д-р Киро Стојанов, Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, Реисул – Улема на ИВЗ во Македонија Х .Хфз. Шаќир еф. Фетаи, суперинтендент на Евангелско методистичката црква Марјан Димов, претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви, претставници на останатите верски заедници и религиозни групи во Македонија, членови на Владата, пратеници во македонското собрание, претставници на државните институции, како и голем број видни гости.
На средбата се обрати претседателката на Македонија Гордана Силјановска Давкова, во својство на покровителка на настанот и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религизозни групи (КОВЗРГ) Оливера Трајковска, која ги додели признанијата „Вељо Манчевски“.
Добитник од Католичката црква на годишното признание „Вељо Манчевски“ за промоција на вистински христијански вредности е протојереј отец Гоце Костов, парох во Струмица, директор на Радио Марија, уредник на порталот Католици.мк, кој покрај пасторалните активности, придонесува за ширење на верата преку медиумите, промовирајќи ги христијанските вредности.
Во своето обраќање пред присутните тој рече: Почестен сум од ова признание, особено затоа што се однесува за промоција на христијанските вредности. Порталот Католици.мк, чиј што уредник сум го носи мотото „Во служба на Црквата“, и токму во тоа препознавам голема поврзаност меѓу промоцијата на христијанските вредности и свештеничката служба.
Сакам искрено да се заблагодарам на Комисијата и на директорката, како и на оние што ме предложија, го вреднуваа и го препознаа моето служење како придонес за промовирање на вредностите, заедничкиот живот и соживот во нашето општество.
Мојата благодарност ја упатувам до бискупот Стојанов и до браќата свештеници со кои соработуваме сите овие години, до моите соработници од порталот Католици.мк и од Радио Марија, како и до моето семејство, сопругата и четирите сина, кои се моја голема поддршка. Благодарност до верниците, читателите и слушателите. Ова признание е своевидна потврда на работата која ја вршиме како Црква, и мојот придонес го гледам како скромен удел од нејзиното големо послание.
Сметам дека ова признание ќе биде поттик да продолжам уште повеќе да сведочам за Евангелието и христијанските вредности преку медиумите и службата која ми е доверена.
На крај, сакам на псалмистот: „Non nobis, Domine, non nobis, sed nomini tuo da gloriam“ (Не нам, Господи, не нам, туку на Твоето име дај му слава), во однос на ова признание да ги присвојам на себе лично: Не на мене Господи, нека е за слава на Твоето Пресвето име – рече отец Гоце Костов.
Признанието „Вељо Манчевски“ годинава го добија и Берта Романо-Николиќ од Еврејската заедница за промовирање на македонскиот модел на соживот и демократија, проф. д-р Шинази Мемеди од Исламската верска заедница, за афирмација на исламската култура и цивилизација и Дијаконија Македонија – Мис Стон Центар од Евангелско-методистичка црква. Признанието „Вељо Манчевски“ за животно дело му припадна на проф. д-р Ацо Гиревски, од Македонската православна црква.
Настанот беше збогатен со музички дел.
Признанието Вељо Манчевски се доделува како највисоко годишно признание за особен придонес на правни и физички лица кои со својот ангажман, активност и труд, трајно се вградиле во развојот и продлабочувањето на различни значајни сегменти во верската сфера во државата. Истото го носи името на Првиот верски референт на Македонија од 1943 година, асномецот Вељо Манчевски.
к.мк

Leave a Comment