Маријатон 2023

Маријатон 2023

Почитувани слушатели, волонтери и донатори на Радио Марија,
секоја година во месец мај, кој е посветен на нашата небесна Мајка, издвојуваме неколку дена за Маријатон, односно за моменти на заедништво со вас слушателите, соединувајќи се најпрво во молитва, просејќи од Господа, преку Богородица, да ни помогне во нашите предизвици со кои се соочуваме како радио, но и како Црква и општество.
Маријатонот се состои од моменти на молитва и донирање. Но, не се работи само за донации, потребни ни се и вашите молитви! Кој моли никогаш не е сам: ние сме цврсто убедени во тоа. Впрочем токму затоа во една древна богородична молитва се вели: „Спомни си, о, семилостива Дева Маријо, дека никогаш не се чуло некого да си отфрлила кој побарал Твоја заштита и Твоја помош и кој молел за Твојата препорака?“ Богородица е покровителка на нашето радио и го отвора својот покоров над сите нас и затоа сме исполнети со голема надеж дека и овој Маријатон ќе биде успешен!
Вистина е дека оваа година имавме сериозни трошоци со одржување и сервисирање на опремата. Благодарни сме на вашите донации, затоа што со нив ја овозможувате работата на радиото. Се надеваме и понатаму на вашата поддршка со што ќе овозможите да ја одржуваме опремата, а со тоа сѐ повеќе луѓе ќе го запознаат Господ Исус Христос за да поверуваат во Него. Континуираниот пораст на слушаноста на радиото во изминативе години, секојдневните јавувања и сведоштва што доаѓаат до нас ни ја потврдуваат неопходноста и потребата за христијанскиoт глас во домовите.
Но, донирајќи за Радио Марија нѐ донирате само за работата на радиото, туку директно земате учество со вашиот дар за промовирање и зачувување на христијанските корени и вредности во нашето општество, учењето на Црквата, ширењето на Евангелието, донесувајќи утеха, радост и охрабрување на бројни луѓе кои се во потреба.
Со вашата донација овозможувате Словото Божјо преку програмата на Радио Марија да допре и до најтврдите срца, кои не го познаваат Христа и неговата љубов, но и до оние кои имаат потреба од надеж, утеха и близина.
Придружете ни се со вашата молитва, сведоштво и донација.
Ви благодариме од срце, а Пресвета Богородица со својот покров нека ве заштити од сите видливи и невидливи непријатели.
Во име на Радио Марија
о. Гоце Костов, директор на Радио Марија

Categories: Настани

About Author