Размислување според Евангелието по Лука 7, 11-16, наменето за Дваесета недела по Педесетница
Драги браќа и сестри во Христа, во Евангелието по Лука 7, 11-16, светиот Евангелист ни опишува еден исклучително тежок настан – погребна поворка.
Знаеме дека погребувањето на мртвите е едно од делата на милосрдието, па од тука погребувањето на мртвите е света должност за секој верник. На тој начин, оддавајќи почит на телото на покојникот, ние му оддаваме почит на телото кое служело на душата за време на земниот живот и токму на тоа тело при воскресението ќе му биде дадена голема награда – ќе биде прославено, бесмртно и совршено.
Присуството на погребна некој свој близок е јасен знак за почит. Последната почит, во комбинација со молитвата за покојните, ни помага да го изразиме сето она што го доживуваме во нашата душа за покојникот. Телата на верниците треба да почиваат на на свети места, односно гробиштата определени за оваа намена.
Оние кои биле многу блиски со покојникот се погодени од болката поради загубата, како што се роднините. Тие исто така треба да добијат посебна почит за време на погребот. Затоа одиме на погреб за да ги поддржиме нашите роднини, да им помогнеме да ја преживеат загубата и да ги увериме дека не се сами во тој исклучително тежок момент.
Во Евангелието е опишано како Исус се приближува до вдовицата и неговиот милосрден поглед запира на неа. На ист начин, тој ни дава пример да пристапуваме со милосрден поглед кон оние кои поминуваат низ тешки моменти на искушение.
Погребот на младото момче од Наин е праслика на она што нè очекува и нас: смрт, погребение, средба со Бога и воскресение.
Во овој настан за погребната поворка на синот на вдовицата од Наин, читаме како Исус вели: „Момче, тебе ти велам, стани!” Мртовецот стана и седна, и почна да зборува; и Он го предаде на мајка му.
Овој чин е чин на надеж во воскресението и средбата со сите сакани, кога повторно ќе ги сретнеме оние кои нѐ напуштија.
Се нагласува дека Исус го дава синот на мајката. Мајката го прифаќа својот син. Примајќи го од рацете на Исус, таа по вторпат станува мајка, но овој пат синот кој сега ѝ бил подарен, животот не го добил од неа. Од Христа го добиваме тој нов живот, вечен живот.
Драги браќа и сестри, давајќи им почит на починатите за време на погребот и спомнувањето на нив во нашите молитви е знак на нашата вера во воскресението, знак на верата во идната средба и соединување на мртвите со Бога, дело на милосрдие кое ни помага станеме како Милостивиот Отец, кој останува жив Бог и за оние кои умреле, кој го завршиле својот земен пат, но го продолжуваат своето постоење.
Во символот на верата исповедаме: Го чекам воскресението од мртвите и животот во идниот век.
Затоа, христијанските погреби не се тажни поради безнадежноста дека сè е изгубено, туку напротив, во срцето на верникот христијанин секогаш има простор за тивка радост за надежта на чекање, бидејќи почивањето во Бога ќе го сретне Милостивиот Отец и ќе добие воскресение.
Leave a Comment