Пастирско писмо до свештенството, монаштвото и до сиот верен народ на Скопската бискупија и Струмичко-скопската епархија Успение на Пресвета Богородица по повод Божикниот пост, односно Адвент 2020 година
Драги браќа и сестри!
Времето пред Божик е период кога христијаните традиционално се подготвуваат да го слават празникот на Христовото раѓање – Божик. Но, во ова предбожикно време, ние христијаните имаме пред нас уште еден подалечен аспект на оваа подготовка за Божик, а тоа се рефлектира во радосното очекување на Христовото повторно доаѓање на крајот од времето.
Ова време пред Божик, времето на Доаѓањето, како што се нарекува во западната христијанска традиција, е малку носталгично, каде што возрасните се сеќаваат кога растеле во семејна атмосфера, кога како деца ги броеле деновите и се прашувале уште колку пати треба да спијат и да се разбудат до Божик, размислувајќи за таинството на раѓањето Христово. Овие искуства од детството и младоста, повозрасните ги пренесуваат на децата кои ги апсорбираат христијанските обичаи од генерација на генерација и ја продолжуваат традицијата на своите родители и предци.
А како ќе се чувствуваме оваа година во пресрет на овој радосен христијански празник – Божик? Целиот свет е во големо искушение поради пандемијата со вирусот КОВИД-19, кој веќе речиси една година влијае на човечкиот род, во поголем или помал обем.
Ниту нашата татковина Македонија не е поштедена од ова искушение. Короната во својот есенски бран влијае на уште пошироки делови од нашата популација, а тоа особено ги исцрпува лекарите и медицинскиот персонал, врши притисок и создава тешкотии за нормално функционирање на здравствениот систем. Навистина, треба да бидеме благодарни на сите вработени и волонтери во здравствените установи, болниците и здравствените центри, за посветеноста на нивниот повик, одговарајќи храбро на тешката задача која се наоѓа пред нив. Постојано се изложени на опасност од инфекција, но и на емоционален стрес, бидејќи ретко кој може да помине покрај страдањето без емпатија и тага во срцето.
Додека своите молитви ги упатуваме кон Господа за сите болни што се наоѓаат згрижени во здравствените установи, во кои треба да ги почитуваат прописите во поглед на контактите, посетите и духовните потреби, ние треба да се молиме за сите оние што се грижат за нив, Бог да им даде сила и да ги заштити од злото во нивната посветена служба кон ближниот во неволја. Во молитвите мислиме и на семејствата, тука мислам на семејствата на оние што се заболени како и на семејствата на здравствените работници кои се во постојана грижа и страв за своите членови кои се изолирани од физички контакт со нив.
Како што ситуацијата во овој есенски бран се влошува, нашата Црква се соочува со сè поголем предизвик. Со појавувањето на пандемијата, потребата од пасторална грижа сè повеќе се одвива во услови кога луѓето стануваат “опасни“ по живот, се оддалечуваат и изолираат едни од други. Многумина, пак, се борат со чувството дека заради економските тешкотии е загрозена нивнита егзистенција и егзистенцијата на нивните семејства. Во секојдневниот живот, тие се чувствуваат несигурни, чувствително реагираат на промените и регулативите и се чувствуваат несигурни поради неизвесноста за нивните животи. Во овие посебни услови на живот, Католичката црква сака да им биде близу и во дадените околности и со своите можности да ги придружува во пасторалното дејствување. Црквата сака да биде особено со оние, кои се погодени од инфекцијата, без оглед колку е голем и тежок предизвикот за пасторалните работници во оваа ситуација за да ги придружуваат болните и оние што умираат.
Се разбира, како граѓани, потребно е да ги препознаеме и вреднуваме напорите, ангажирањето, посветеноста и одговорниот пристап за изнаоѓање решенија на оние кои носат одговорност во носењето одлуки за сузбивање на пандемијата во нашата татковина и општество, воведувајќи низа мерки заради спречувањето на ширењето на инфекцијата. Некои од тие мерки и одлуки можеби се и непријатни, но потребно е сите одговорно да се однесуваме, за со заеднички и сплотени напори да се стави крај на пандемијата.
Економски развиените земји инвестираат многу во борбата против рецесијата и невработеноста. Но сепак, понекогаш и најдобро развиените проекти и планови не успеваат. И тешко е да се согледа што ќе се случи со оние посиромашни земји како нашата или со оние уште посиромашните на Јужната хемисфера на земјината топка. Малку сме вознемирени и тажни. Но да прашаме заедно со Псалмистот: Зошто тагуваш, душо моја и зошто толку ме вознемируваш? И воедно нашиот одговор нека биде: Надевај се на Бога, бидејќи јас на Него се надевам, мојот Бог е мое спасение (сп. Псалм 41,5). Ставени сме во неизвесност за нашата материјална егзистенција, но цврсто се надеваме на Божјата промисла, дека сепак тој знае најдобро од што имаме потреба.
Да ги упатиме нашите молитви до Спасителот кој го зеде нашето човечко постоење по раѓање од Богородица, станувајќи ни во сè сличен освен во гревот, за да му подари на човечкиот род одговорни луѓе кои ќе знаат да се обединат на светско ниво и да ги зачуваат здравите вредносни принципи. Бидејќи, само со потпирање едни на други и почитување на вредностите и достоинството на секој човечки живот и во секое време и место, можеме да го трасираме патот за надминување на проблемите со што помалку штети предизвикани од пандемијата.
Во оваа прилика сакам да искажам молитвена близина и до семејствата на починатите од оваа подмолна болест, Господ Бог, кој доаѓа да се роди како мало Дете, нека им дарува утеха, а нивните починати членови од семејствата нека ги воведе во своето Царство.
Кога Исус се роди во Витлеем Јудејски, ангелите им ја соопштија радосната вест на пастирите велејќи: „Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; (Лука 2,10-11). И во оваа ситуација е пријатно да се слушне овој ангелски глас: „Не бојте се!“ Исус дојде меѓу нас за да го одземе од нас секој страв, особено стравот од „сенката на смртта“ што нè обзема. Тоа е оно младо Сонце од висината, кој ги насочува нашите нозе по патот на мирот.
Мирот може да се одржи ако луѓето ги обедини заедничката доверба во иднината. Кој нема да успее да се пробие со своето мислење и своите аргументи, кои можеби се појавија од паничен страв, треба да има доверба дека на крајот сè ќе биде добро и дека нема да има тотална катастрофа, бидејќи самиот Бог брза да нè спаси! (сп. Исаија 35,4). Верникот верува во Бога и во неговото ветување: „Ете, сѐ ново создавам!“ (Откровение 21,5) „Ново небо и нова земја“ (Откровение 21,1). Бог повторно ќе стори сè добро и сè ќе претвори во нешто ново.
Само со ваков вид на доверба и ваква надеж, човекот може да ги релативизира сите оние аргументи со кои ги расфрла и ги растерува своите стравови од можно уништување.Таквата самодоверба и оптимизам можат да произлезат само од верувањето дека Бог го држи и мојот и твојот живот во Негови раце. Дојди Господи Исусе! Мараната!
Со благослов
Вашиот бискуп/епископ
+ Киро Стојанов